Гласна осуда на говорот на омраза и силна поддршка во борбата против лажните вести,
испратија новинарите од Бугарија и Р. С. Македонија од првиот „Викенд на Дијалог –
новинарите против предрасудите“ , кој од 20-ти до 22-ри септември се одржа во Охрид.
На овој прв „Викенд на Дијалог“ заеднички заклучок на учесниците беше дека најважно е да се
развие соработката меѓу новинарите од двете држави преки меѓусебна поддршка во функција
на проверка на информациите. За таа цел учесниците меѓусебно се обврза за зачестена
комуникација и соработка, од која треба да произлезе мрежа на професионални новинари кои
ќе работат на намалување на негативните емоции и сузбивање на лажните вести. Како прв
таков чекор беше формирана група за брза комуникација преку која новинарите од двете
држави ќе можат меѓусебно да ги проверуваат информациите кои се објавуваат во двете
држави, со цел да се спречи дезинформирање, како и изворите на информациите со цел да се
спречи ширењето на лажните вести.

Новинарите учесници на овој „Викенд на Дијалог“ дефинираа и точки врз основа на кои
наскоро ќе биде објавена и декларација, која ќе им биде предадена и на државните власти, со
насоки како да се подобри меѓусебната доверба и зајакне процесот на градење пријателство
меѓу Р. С. Македонија и Р. Бугарија.

Македонските и бугарските новинари, учесници на настанот заклучија дека лажните вести
доминираат, предрасудите се уште ги има, негативните емоции во известувањето исто така, но
говорот на омраза во известувањето за прашањата од македонско-бугарските односи е многу
помал во споредба со минатото.

Двете држави имаат долг период во историјата на меѓусебно некомуницирање и период на
градење на стереотипи и предрасуди речиси во сите сфери во општеството што неминовно
носи поделени чувства. Недовербата е градена со декади, особено во време на бившите
социјалистички/комунистички системи. Толкувањето на историјата, културата и традициите
низ призмата на политичкиот интерес, без објаснувања, факти и анализи со ставови од двете
страни, не придонесуваат за намалување на предрасудите на едните кон другите. Вметнување
на политиката, особено на дневната политика во текстовите и коментирање со доза на
негативни емоции, само ги поттикнуваат предрасудите и ги влошуваат односите помеѓу
новинарите и граѓаните, беа само дел од излагањата на учесниците на настанот.

Општ заклучок на сите учесници беше дека овој прв „Викенд на Дијалог“ треба да биде
почеток и основа на зачестени вакви средби, најмалку еднаш до два пати годишно, со
вклучување и на други колеги новинари. Бугарските новинари изразија подготвеност да бидат
домаќини на следниот втор „Викенд на Дијалог“ во Бугарија.

Покрај формалните панел дискусии, новинарите од двете држави за овој викенд имаа
можност за многу неформални дружења со размена на меѓусебни искуства во една искрена
релаксирана пријателска атмосфера.

Поддршка на иницијативата дојде и од државните власти, гостин на официјалното отворање
беше министерот за комуникации, отчетност и транспарентност во Владата, Роберт Поповски и
Амбасадорот на Р. Бугарија, Ангел Ангелов.

„Викенд на дијалог – новинарите против предрасудите“ е во организација на Здружението за
промоција на дијалогот, толеранцијата и човековите права „МЕДИУМ“ – Скопје, а финансиски
поддржан од Министерството за Надворешни Работи на Република Бугарија преку амбасадата
на Република Бугарија во Скопје.